Младите луѓе ја дизајнираат иднината на својата земја и на региoнот, a вашата генерација има големи предизвици во Западен Балкан и сигурна сум дека некој од вас ќе бидете промената што ќе ги надмине овие предизвици, рече во обраќањето амбасадорката на САД Анџела Прајс Агелер на отворањето на меѓународната конференција „Објективот на младите за мир и помирување“ која се одржува во Охрид.

 

Вие ја имате моќта да ја подобрите состојбата во вашата држава. Денес за вашата иднина и иднината на вашата генерација имате нов предизвик, а тоа е ЕУ интеграцијата. Оваа земја и овие граѓани направија повеќе од доволното за да ги отворат преговарачките процеси. Влегувањето во ЕУ ќе ја направат попросперитетна и постабилна оваа земја. Процесот на интеграција е комплициран и покрај економската и пандемка криза, влијанието на миграцијата, овие кризи делуваат директно на младите. Оваа земја има голем потенцијал за економски просперитет, за посилни демократски институции и транспарентен судски систем. Мислам дека многу од вас се скептични за силата на овие системи денес, рече Агелер.

Неможе да се направи ништо без младите, додаде Агелер, потенцирајќи дека младите се интегрален дел што може да го направат регионот отпорен и демократски со владеење на правото.

Морам да ве охрабрам да станете новите лидери што ќе ја креираат иднината што вие ја сакате за вашите заедници. За разлика од постарите генерации вие гледате со надеж кон иднината затоа што вие можете да целите кон просперитет и стабилност во регионот заради сите различности кои што ги има кај сите. Вие може да донесете мир на патот кон Европа. Бидете креативни и најдете свој начин за решавање на билатералните и регионалните проблеми. Бидете проактивни, соработливи и коегзистентни, талентирани, инспиративни, креативни и понекогаш критични и одлична генерација како што сте, за да може подобро да се грижите за вашиот регион и вашата земја, истакна Агелер.

Конференцијата беше отворена со ставот на младите „Доволно време градевме мостови во регионот, сега е време за користење на тие мостови. Ајде да преминеме од другата страна на мостот“.

Методија Стојчески извршен директор на Младински сојуз Крушево истакна дека настанот е именуван како „Отпорен мир“ и во овој момент на геополитичка ситуација сакаме, вели, да разговараме со младите луѓе, да креираме една платформа за младите луѓе од Балканот на која ќе им дадеме можност да разговараат, да разменуваат мислења и ставови како да го одржиме мирот на Балканот, зошто има различни влијанија.

Да ги подготвиме младите луѓе да бидат поотпорни на тие влијанија и да може да го зачуваме мирот, сите придобивки на мирот, соживотот на Балканот. Сакаме да ги насочиме младите да работат на интеграција, соработка, да работат на една просперитетна иднина за поврзување и како може да се соочат со секојдневните предизвици, невработеноста, иселувањето и да си обезбедат подобра иднина тука во нашиот регион, вели Стојчески.

Нина Јованоска од Младискиот сојуз Крушево вели дека ниту младите не се инертни на она што се случува на регионално, но и европско и светско ниво.

Не погодуваат нас младите вестите за одредени немири или нестабилности во регионот особено војната во Украина, бидејќи младите сакаат мир и соработка и младите сакаат да владее една атмосфера на мир во која луѓето ќе соработуваат помеѓу себе и ќе се избегнуваат конфликтите кои се случуваат. Но, свесни сме за комплекноста на регионот и за односите години нананзад така што се надеваме дека и нашите носители на одлуки, но и сите останати луѓе во регионот ќе сфатат дека потребно е да се говори за мир и стабилност, а не за нови конфликти и нови предизвици, додава Јованоска.

Гентрит Красничи од Младинска организација за едукација и образование од Косово вели дека на конференцијата се да научат за помирувањето, како да раководат со аспектот на мирот и со регионална соработка да придонесат за подобра иднина на нашите држави и мирот во нив.

Ние младите можеме повеќе да соработуваме, да ги посетуваме местата помеѓу себе и така да придонесуваме за мир. Тоа што ние можеме да го направиме е заеднички да работиме за подобрување на здравството, почитување на демократијата, човековите права односно соработката помеѓу нас и со тоа да се надминат сите пробеми кои се јавуваат. За да се надминат пропагандите што ги следиме треба да работиме на развој на човечките ресурси и со тоа да имаме аспирации кон вклучување во ЕУ, вели Красничи.

Мануела Петровиќ од Грчаница вели дека целокупната ситуацијата на Косово и политичкото влијание е поприлично тензично и се одразува на сите младински заедници посебно на српската и албанската.

Би сакала да има помало влијание, но е невозможно сред сите овие случувања во последно време.  Сметам дека многу е важно пред се да ги разбереме другите кои се во нашето опкружување, а при тоа да останеме тоа што сме ние всушност. Со оглед дека постои популација на Косово која е поприлично млада веруваме дека иднината на Косово е во младите, сега на нас е тоа што веќе години нананзад го говориме да го спроведеме на дело, да се заземеме за нашите интереси и за подобрување на нашата иднина. Компромисот меѓу Србите и Албанците е апсолутено можен, ако се најде заеднички интерес, но потребна е и поддршка и од политчките претставници, вели Петровиќ.

На конференцијата учествуваат над 50 младински лидери од регионот на Западен Балкан (Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово).

Н.С.Ј.