Вкупно 90 средношколци од Македонија и Албанија беа дел од младинскиот камп „Светското наследство во рацете на младите“ кој се одржуваше во Охрид во текот на изминатава недела. Во рамки на ова едукативно дружење, учесниците имаа можност да се запознаат со вештините за изработка на филигран, со копаничарството, со народната музика, со сликањето, изработката на кошници и други стари занаети кои се дел од богатото културно наследство во овој регион.

-Кампот е завршна активност на прекуграничен проект чија главна цел е средношколците од Албанија и Македонија да научат да ги ценат различностите и да го заштитуваат светското и националното културно и природно наследство, а професорите да се спремни за да ја зајакнат меѓукултурната соработка и разбирање помеѓу учениците. Проектот ќе има влијание врз двете вклучени страни, поточно во Регионот на Корча во Албанија и во Југозападниот и Полошкиот регион во Македонија, информираат од „Локалната агенција за развој“ од Струга, кои заедно со организацијата  „Уне, груаја“ од Поградец се водечки партнери во проектот.

Посебни цели на проектот се да се воспостави и поддржи заедничка акција меѓу Македонија и Албанија при имплементација на Образовната програма за светско наследство на УНЕСКО во избраните училишта, со активности базирани на Прирачникот за наставници – „Светското наследство во рацете на младите“.

Во реализација на проектот се вклучени и „Среќен Живот“ од Тетово, УНЕСКО-Проектната Канцеларија од Скопје и УНЕСКО-Канцеларијата од Венеција, Министерство за образование и наука, и Работничките универзитети во Македонија и Албанија, општините и средните училишта.

OhridNews