Злоупотребата на религијата е главна причина поради која младите заминуваат на боиштата во странство, сметаат безбедносните служби.
-Правиме напори да се намали интензитетот на нивното одење на боиштата. Радикализацијата на младите е многу важен елемент и ако успееме да ја намалиме, ќе го намалиме и тој тренд на одење на боиштата. Злопупотребата на религијата е главниот мотив за тоа. Колку успеваме да ги убедиме колку е тоа исправно во нивниот живот, сепак е тоа нивно лично право, но измените на кривичниот законик сега ни овозможуваат повеќе можности да се санкционираат и регрутерите и оние кои пропагираат одење во џихад, како и да се санкционираат сите оние кои што ќе се борат и учествуваат во странски војски и паравојски, и полиции или параполиции. – вели Тони Јакимовски национален координатор за безбедност.
Тој укажува дека трендот на заминување на млади лица на боиштата во Ирак и Сирија каде радикалните структури прогласија Исламски калифат, се уште значително не е намален. Од друга страна, посочува Јакимовски, забележано е враќање на дел од овие лица од воените зони, што се должи на интензивната меѓународна кампања против Исламакиот калифат. Тој укажува дека безбедносната состојба во Македонија будно се следи и дека засега нема индикации кои укажуваат дека на земјата и се заканува некаков терористички акт.
-Борците кои одат во Сирија и сега во Ирак, го користат правото на 3-месечен легален престој во Турција и пробуваат да не го злоупотребат тоа за да можат пак да влезат на таа територија, иако повеќепати имаме повеќе лица кои биле повратници, ќе дојдат на теритирајата на Република Македонија и после некое извесно време пак се враќаат на боиштата. – изјави Јакимовски.
За опасностите од тероризам и превенција од радикализација на младите, во Охрид зад затворени врати разговараат безбедносни служби на 20 европски држави, и три меѓународни организации. Министерската за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, информираше дека средбата е од исклучитечно значење во актуелниот безбедносен момент и е во функција на координација на заедничките активности во борбата против верскиот радикализам и тероризмот со кој се соочува светот.
-Кога станува збор за националната безбедност но и генерално за безбедноста речиси без исклучок навремената размена на точни информации е нешто што може најмногу да помогне.-рече Јанкуловска.
Според безбедносните служби за да се справи со заканите од радикализација на младите и опасноста од појава на тероризам, Македонија треба превентивно да делува во сите сегменти во општеството.
Г.М.