Младите Македонци, Албанци и Турци од Струга покажаа дека знаат како заедно да дискутираат за заедничките проблеми, идеи и можни решенија. „Струга е мојот град“ е заедничката порака која младите ја упатија од јавната дебата која се одржа во рамки на циклусот организирани од страна на невладината „Република млади“ од Струга.

Меѓу проблемите за кои зборуваа младите, се потенцира недостатокот од соживот низ струшките улици, но и во формалните институции, невработеноста на младите, недостатокот од мотивација кај младите за преземање акции за да ги променат нештата кои им пречат.


Младите стравуваат дека ќе бидат осудени од заедницата доколку пројават интересирање за процесите во општеството. Дополнителен проблем според младите се и процесите на етикетирање, кои ги спречуваат да превземаат акции.

41.4% од струшките средношколци не направиле ниту една активност на училиште (писмо до институција, одржал/а говор, учествувал/а во дебата, посетиле државна или општинска институција), а останатите 48.9% само една активност. Дури 60.2% на училиште немаат предмет кој од нив бара да следат дневно-политички настани, па не зачудува што скоро исто толку (59.6%) никогаш или ретко следат новости на тема политика. Младите се скептични и во поглед на нивното „реално“ влијание врз работата на училиштето. Повеќе од половина од учениците сметаат дека не можат или малку можат да влијаат врз тоа како е управувано нивното училиште- се дел од резултатите изнесени на јавната дебата.


Младите добија совети да не ги забораваат вистинските вредности и своето значење за напредокот во општеството и  да не потклекнуваат пред пречките кои се јавуваат.

Дискусијата отвори барања од страна на младите кон локалните власти да одвојат простор и време за младите, како и поинтензивна финансиска поддршка. Според присутните на дебатата, идејата за Национален младински парламент може не само да го подобри значително младинското претставувањене, туку истовремено и да ги поттикне институционалните механизми за младинска поддршка.

OhridNews