Талентираното клавирско трио составено од младите охридски музичарки Ана Кузманоска (клавир), Лина Николеска (виолина) и Антица Николоска (виолина), ќе има свое деби во рамките на програмата „Подиум на млади“ организирано од Музичката младина на Македонија, како предвесник на 65-тото издание на реномираниот фестивал „Охридско лето“.
Ана Кузманоска е ученик во ООМУ „Методи Патче“ – Охрид, во класата на проф. м-р Ана Ѓорѓиоска. Лина Николеска се образува во ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“ – Струга, во класата на проф. Тони Арслан, под менторство на проф. Христина Пецаковска Николеска. Антица Николоска е ученик во ООМУ „Методи Патче“ – Охрид, во класата на проф. Мухамед Бајрам.
Од своето формирање во 2024 година, ова младинско трио бележи импресивни успеси. Веќе на својот прв заеднички настап на меѓународниот натпревар во Пиран, Словенија, тие ја освојуваат втората награда, а нивниот талент веднаш привлекува внимание. Следи уште поголем успех – прва награда на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“, како и специјална награда за најдобро рангирани македонски учесници. Овој успех им обезбедува учество на реномираниот фестивал „Златна лира“ во Музејот на македонската борба во Скопје, каде нивниот настап беше дочекан со овации и бројни пофалби од музички педагози и публика.
Настапот е закажан за 11 јули 2025 година, со почеток во 20:30 часот, во магичниот амбиент на црквата „Св. Софија“. Публиката ќе има можност да ужива во изведбата на дела од рускиот композитор Алфред Шнитке, интерпретирани од трио што ветува блескава иднина на македонската музичка сцена. “Подиум на млади – Охридско лето“ е само уште едно признание за нивната досегашна работа и доказ дека младите таленти од Охрид се вистински амбасадори на културата и уметноста.
Покрај нив истата вечер, свој настап ќе имаат и надежните уметници: Божана Гошева од Скопје, ученик во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј” во класата на проф. Јелена Туфекчиевска( со дела од Зографски, Паганини, Бах, Виењавски, Сарасате). Џеврие Туле од Струга, која своето музичко образование го започнува во ООМУ “Методи Патче”- Охрид, а потоа го продолжува во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”, во класата на проф. Весна Ангелова Христов. Џеврие ќе изведе дела од Бетовен и Прокофјев.
Музичката младина на Македонија го организира настанот “Подиум на млади- Охридско лето” со цел младите да добијат простор кој создава ветар на мотивација и дува во едрата на нивниот ентузијазам.
За овој настан, влезот е слободен.
OhridNews