Даниел Мојсовски и Александар Грунчевски во класа на професор Елица Џуклевска и Бајрам Рамаданоски во класа на професор Мухамед Бајрам беа единствените претставници од Македонија кои беа дел од неодамна одржаниот европскиот музички камп во Белград, во рамки на проектот „Концерт на 100 млади“. Можноста да се учествува на кампот и да се биде дел од проектот следуваше по зачленувањето на општина Охрид во Европската мрежа на градови со езера во Исео- Италија.
– Тоа беше основата за започнувањето на различни иницијативи за соработка меѓу пратнерите членки на оваа мрежа. Проектот меѓу другото опфаќаше формирање на оркестар од музичари од различни држави. Учествуваа ученици од музички училишта од Италија, Австрија, Словенија, Белград и од Охрид. Основната цел беше соработка и дијалог меѓу младите преку музиката како универзален јазик. Музичарите една недела заедно живееја, вежбаа под надзор на нивните професори и стручни луѓе при што конечниот резултат беше заедничкит концерт во Белград, објаснува Тони Балески координатор на проектот.
Како што изјави директорката на ОМУ „Методи Патче“, Нина Момироска, учеството на кампот претставува големо искуство за охридските млади музички таленти и нивниот понатамошен развој.
– Поканата за учество со задоволство ја прифативме затоа што знаеме со каков капацитет располагаат нашите ученици што се докажа и на концертите во Белград и Нови Сад, по што веднаш следуваа понуди за учество и на други концерти во Словенија, како и за учество на следниот музички европски камп, изјави Момироска.
Младиот виолинист Даниел имал чест и да настапува како солист на концертите, искуство за кое вели дека значи многу.
– Големо беше задоволството како најмлади да бидеме дел од проектот, а уште поголема чест за мене беше да настапам како солист, изјави младиот Даниел.
– Вежбавме по седум или осум часови на ден, но многу сум среќен што не прифатија одлично сите нови другарчиња и професори со кои комунициравме одлично, вели Александар.
– Прв пат свиревме со толку голем оркестар и навистина беше прекрасно искуство, додава Бајрам.
Професорката Џуклеска потенцира дека станува збор за одличен проект и е задоволна што охридските таленти се претставиле во најдобро светло.
– Кога тргнувавме не знаевме што да очекуваме, но сега сме фасцинирани од проектот. Сега сме дел од таа голема фамилија, децата работеа по цел ден и ние со нив. Единствениот коментар од сите кои ги следеа концертите беше- како е можно толку млади деца да звучат одлично по само една недела заедничка соработка, вели професорката Џуклеска.
Проектот продолжува со низа концерти кои ќе се одржуваат во различни европски градови. Следниот музички камп ќе се одржи во Италија во 2015.
Т.К.