“Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности” е проект кој со години континуирано се имплементира во Македонија од страна на организациите на Црвениот крст. Целта е вклучување на младите во заеднички проекти за изградба на взаемно разбирање, толеранција и култура на дијалог, како основен предуслов за создавање на интеркултурно општество. Во рамки на програмата и активностите за промоција на хумани вредности Црвен крст Охрид од 2004 година реализирал 50 проекти во чија имплементација учествувале 300 млади, кои промовирајЌи ги вредностите и принципите на Црвениот крст, помогнале на преку 50 лица (семејства) во локалната заедница.
Како резултат на големата заинтересираност на младите и нивната желба за вклучување кон овој проект, во традиционалниот календар на активности на Црвениот крст, од оваа година воведена е и Недела на промоција на хумани вредности, од 21-27 септември. Во рамки на оваа недела младите од целата држава преку своите клубови на млади при Црвен крст (вкупно 35 клуба) ќе изведуваат театарски претстави во своите средини, пред родителите, сооучениците, професорите, пред целата зеаедница која е истовремено и целна група на проектот.
Младите од Црвен крст Охрид ја подготвија театарската претстава „Погодете кој доаѓа на вечера“, која ќе биде изведена денеска, четврток, од 18:45 на големата сцена при Центарот за култура ”Григор Прличев” во Охрид. Влезницата за оваа хуманитарна претстава е 50 денари, а средствата ќе бидат наменети за хуманитарни активности кои ќе ги спроведуваат младите на ниво на Република Македонија.
Црвениот крст упатува апел до граѓаните на Охрид да ги поддржат хуманитарните активности на младите на Црвениот крст, да дојдат на театарската претстава, да уживаат во неа и да помогнат на оние на кои вистински им е потребна помош.