Реформите во оразовниот систем се потребни за најголемиот дел од младите, но голем дел од испитаниците не се сложуваат со начинот и динамиката на кои реформите се реализираат во образовниот систем.Тие забележуваат дека ниту наставничкиот кадар,ниту образовните институции ,ниту пак учениците/студенти не се подготвени за да можат реформите во РМ непречено да течат.
Ова се резултатите од испитувањето спроведено минатата година од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА. Со испитувањето биле опфатени младите, во 13 општини во Република Македонија, меѓу кои и Охрид, а била вклучена репрезенативна бројка на анкетирани млади луѓе- 1.040 испитаници од Македонија на возраст од 15 до 29 години.
На прашањето каде би се запишале, во странство или на државните или приватните универзитети во земјава, над една третина- 45% од испитаниците се определиле за државните универзитети, 33% ако имаат можност би студирале во странство, а 28,75% на приватните факултети.
Младите на возраст од 25-29 години се најбројни во размислувањата дека ниту училиштата, ниту факултетите не нудат доволно можности за развој на креативноста и талентот (32% мислат така, додека пак, 20% дека има можности за креативност).
Кога станува збор за постоење на корупција на високообразовните институции, 59% од испитаниците сметаат дека таа е голема или многу голема, додека 22% не знаат дали професорите на високообразовните институции се корумпирани. Само 3% од младите мислат дека не постои корупција на високообразовните институции.