Во рамките на проектот „Толеранција, дијалог, соработка! Промовирање на меѓурелигиски дијалог преку градење на капацитети за медиумите и религиските претставници“ кој е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Фондацијата Конрад Аденауер, студентите на политички студии од Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, денеска ќе ги посетат манастирот Св. Богородица Пречиста во Кичево и џамијата „Мустафа Челеби“ во Струга.

Целта на оваа, која е една од вкупно 14 вакви посети кои се реализираат во текот на месец октомври и ноември, е на повеќе од 200 студенти од универзитетите во земјата да им се овозможи да посетат верски објекти на религии различни од нивната и да слушнат за нивната верска, историска и културна важност. Посетите исто така ќе им овозможат подобро да се запознаат со вредностите и традициите на другите религии. Овие посетите се отворени за јавноста и медиумите, а групите ќе бидат придружувани од страна на верски претставници, при што ќе им имаат можност да поставуваат прашања и да дискутираат за различни теми од заедничкото живеење.

Целта на проектот што го реализираат Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и Институтот за Демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) е да се создаде свест кај населението за религиска толеранција и прифаќање на различното религиско убедување, како и да се придонесе за демократскиот процес во земјата преку промовирање на слободата на изразување, меѓурелигиски дијалог и религиски плурализам. 

OhridNews