Младата македонска ракометна репрезентација одигра нерешено со Португалија 21:21 (9:14) во натпреварот од второто коло, во квалификациите за пласман на Светското првенство во Алжир. Во пресрет на решавачкото последно коло, овие две селекции имаат по три бода, а Португалците имаат подобра гол разлика.
Македонските ракометни надежи, за разлика од првиот меч со Полска, против Португалија одиграа со многу осцилации, особено во првото полувреме кое противникот го заврши со предност од пет гола.
Македонија отвори добро, Томовски беше сигурен на голот, а Велковски и Талески ја диктираа играта во нападот. Направи Македонија предност од два гола, 4:2, 5:3, 6:4 и тука застана.
Португалците се ослободија од тремата, започнаа да играат цврсто во одбраната и со серија од пет гола го презедоа водството 6:9.
Стартот на вториот дел навести подобра игра на Македонија, со три гола во низа предноста на Португалците ја намалија на два гола 12:14. Португалците ја чуваа предноста сѐ до последните десет минути кога повторно во вистински ритам влезе голманот Томовски, а Велковски погоди за израмнување 19:19, а потоа Талески за предност на Македонија.
Мечот во своите раце го имаше Палевски, кој при резултат 21:20 во контра го погоди дирекот, а потоа Португалија израмни за конечни 21:21.
Талески со шест гола ги предводеше стрелците, додека голманот Томовски собра 11 одбрани, од кои осум во втората половина од второто полувреме.
В петок Македонија од 14:30 ќе игра против најслабата репрезентација на турнирот Турција.
Фото: Гол.мк
OhridNews