Младински Совет Охрид во склоп на реализацијата на активностите од  Локалниот Младински Акционен План, а како дел од приоритетот – квалитет на живеење, реализираше циклус на работилници за креирање на позитивни модели на идентификација.

Анализата беше направена врз основа на одговорите на вкупно 360 ученици кои преку давање на одговор на прашањето: Кој/а сум јас односно Каков/а сум јас, во реалната слика се опишаа себеси во надворешниот изглед, додека во внатрешноста изобилуваа описи како: добар/ра, друштвен/а, тврдоглав/а, комуникативен/на, паметен/на, нервозен/а, забавен/а, интелигентен/а, искрен/а.
   
Идеалната слика, пак повеќе се однесуваше на нивните стремежи, желби и потреби за промени првенствено на физичкиот изглед и материјалните потреби. Потребата за промени кај нив беше насочена  кон остварување и во сопствената професија (кај адолесцентите на возраст од 15 – 19 години) и успехот во училиштето кај помладите ученици (на возраст од 12 – 14 години). Со одговор на прашањето: Каков сакам да бидам, особината “успешен/на” беше најмногу застапена при опис на идеалната слика. Другите особини кои беа дадени се: добар/ра, вреден/на, популарен/на, почитуван/а, среќен/на. Беа наведени и професии како: научник, банкар, адвокат, наставник, доктор, уметник, пеач, актер, спортист. Бидејќи акцентот беше ставен на поимот идол како модел со кој младите се идентификуваат, кај учениците постоеше сличност во истакнување на особините кои беа наведени во идеалната слика со особините на нивните идоли. Карактеристиките на идолите кај младите на возраст од 12 – 19 години беа: добар/ра, успешен/а, популарен/на, храбар/ра, привлечен/а, забавен/на, комуникативен/на, почитуван/а, хуман/а, независен/на, моќен/на. Ваквите описи беа карактеристични за следните професии: глумец, пеач, моден дизајнер, политичар, уметник, спортист, кои учениците ги доживуваат како лица со кои се идентификуваат и според тоа ги почитуваат нивните вредности.

Анализата која беше направена во текот на периодот јуни- септември 2012 година покажа дека најважни вредности им се оние кои ги насочуваат кон повисока цел во животот како критериум за успешност и можност за повисок социјален и материјален статус.

Врз основа од спроведените анализи споделени со стручната јавностм МСО ќе подготви програма за промоција на позитивните вредноси, која во соработка со институциите и организациите ќе ја спроведува во 2013 година.

OhridNews