Денеска пред платото на Центарот за култура „Григор Прличев“ и на повеќе локации во централното подрачје, општинскиот Црвен крст по седми пат ја реализира традиционалната спортско-рекреативна акција „За посреќно детство”, која трета година по ред се оддржува во соработка со здравствениот комплекс „Св.Ѓорѓија“ – Стоматолошки центар „Д-р Баткоски“.
Претседателот на Црвениот крст Охрид, Сашо Точков, изјави дека целта на оваа акција е промовирање на спортскиот дух меѓу младите преку нивно активно учество во различни спортско-рекреативни содржини.
„Се надевам дека и понатака не само на овој ден, туку и во текот на целата година, младите луѓе ќе бидат спортско активни и хумани, а она што сакам да го истакнам е Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“, кој на посебен штанд со потполно опремена стоматолошка ординација врши прегледи за сите деца и дарува специјални четкички за заби.“ – изјави Точков.
Во рамки на настанот се одржа и голема крводарителска акција, а од 10 часот собрани се повеќе од 20 единици крв.
„Исто така, тука се и екипите на Центарот за јавно здравје, кои што промовираат здрав начин на живот и вршат основни здравствени прегледи. Секако тука се и претставници од локалната самоуправа, која воедно е и покровител на крводарителската акција.“ – рече Точков.
Оваа година „За посреќно детство“ беше збогатена со мобилна стоматолошка ординација, каде стручните лица од здравствениот комплекс „Св.Ѓорѓија“ – Стоматолошки центар „Д-р Баткоски“, извршија превентивни прегледи на најмладата популација и подарија специјални четкички за заби.
„Ова е трета година како успешно го реализираме овој проект заедно со Црвениот крст Охрид. Од година во година, се повеќе сме организирани, а интересот е се поголем. Ако ланската година бројот на прегледи беше 100, оваа очекуваме повеќе од 200. Овојпат воведовме и новитет, така да за секој преглед ќе има потполн извештај, каде ќе се знае кој запчиња се расипани, дали треба понатамошен третман, односно како се одржува оралната хигена кај младите.“ – изјави д-р Небојша Баткоски од Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“.
Тој потенцира дека од година во година, јавната свест за оралната хигена кај младите драстично се зголемува.
„Свеста и кај самите родители е голема, но и во училиштата се вршат едукативни предавања. Треба да се знае дека со никнување на првото запче, мора да се посети која било стоматолошка ординација. Најбитни пред се, се децата и нивното здравје.“ – потенцира Баткоски.
Младите кои купуваа учеснички броој за акцијата, кој чинеше 30 денари, имаа можност и да се натпреваруваат во повеќе спортски дисциплини, меѓу кои шах, пикадо, мал фудбал, одбојка и кошарка.
„Средствата собрани од продадените талони одат за децата од социјално загрозените семејства, а со тие пари ќе бидат купени прибори за училиште, односно се што е наменето и потребно за младите. Извлкекување ќе биде на 18 октомври, а главната награда е патување во Златибор.“ – рече Ангела Спировска, лидер на Клубот на млади при Црвениот крст Охрид.
Инаку, традиционалната акција „За посреќно детство“ има за цел промовирање на спортскиот дух меѓу младите преку нивно учество во различни спортско-рекреативни содржини, како и подигање на свеста кај нашите сограѓани за солидарност, хуманост и пружање на потребната помош на оние кои се соочуваат со социјални или здравствени потешкотии.
OhridNews