Изминативе години, земјава се соочува со одлив на својата младина во странство. Иако статистички не постои официјална бројка за тоа колку млади ја напуштиле Македонија, последните податоци на Светска банка покажуваат дека од земјава се иселиле 447 илјади луѓе. Како најчести причини поради кои младите се одлучуваат на ваков потег се потенцираат лошите економски услови, нискиот животен стандард и големата невработеност.

Информациите кои можат да се добијат од агенциите за посредување на работа во странство, велат дека во овие месеци постои голема заинтересираност кај македонските студенти за сезонска работа во некоја од европските или прекуокеанските земји.

Покрај оние сезонски работи во Германија, огромен е интересот за прекуокеанските земји како САД и Канада. Најчесто студентите остануваат во овие земји од три до четири месеци, но од година во година бројката нагло се зголемува.“ – велат од една скопска Агенција за посредување на работа во странство.

Младите, и покрај бројните ризици, велат дека оваа можност им претставува единствена шанса да ја напуштат Македонија. Многу често, оние кои заминуваат да работат на брод, ретко се одлучуваат трајно да се вратат во матичната земја.

Повеќе од година работам на брод, а причините поради кои го напуштив родното место беше неможноста да се вработам. Условите не се најидеални, но работата е добро платена. Одморите ги користам да го посетам родниот град, но никогаш не сум размислувал трајно да останам во него.“ – вели охриѓанец, кој веќе една година работи на брод.

Голем е бројот и на оние наши сограѓани, кои преку добивањето бугарски пасош се одлучуваат трајно да ја напуштат Македонија.

Можеби е навистина понижувачки и срамно, но тука во Македонија веќе со години не можам да најдам работа. Единствен излез ми е да извадам бугарски пасош и да заминам оттука. За истиот, аплицирав пред неколку месеци, а идната година очекувам постапката да заврши. Никогаш не верував дека ќе се осудам на еден ваков чин, но немаштијата си го направи своето.“ – вели нашиот соговорник, кој инсистираше на анонимност.

Според невладините организации, тешката социјално-економска ситуација во земјата е главната причина поради кои младите ја напуштаат Македонија. Последното истражување на невладината организација „Реактор“ објавено во „Макденес“, вели дека околу 40 отсто од младите одговориле дека за пет години се гледаат во друга држава.

Тука се и податоците од Службата за статистика на ЕУ, Еуростат, кои велат дека дури 230 000 македонски граѓани официјално се иселиле од земјава и имаат регулиран престој во странство во периодот од 1998 до 2011 година.

Инаку, Охрид е една од општините ширум земјава која изминативе години се соочува со негативен природен прираст и намален демографски раст на населението. Друг податок кој говори за овој проблем е се помалиот број ученици кои со години наназад се запишуваат во охридските основни училишта.

О.Т.