Се повеќе лица во земајва, следејќи го чекорот со модата која доаѓа од страна, се одлучуваат своето тело да го прекријат со по некоја тетоважа. Младите често се огледуваат по славните личности, чии тела неретко се украсени со овие цртежи по телото. Други тоа го прават за привлекување внимание од спротивниот пол, а трети се идентификуваат со припадност на некоја култура. Но тетовирањето како процес со себе носи и низа ризици, кои произлегуваат од хигиенските услови во просториите каде што се врши овој процес.

Според Митко Јованоски, од чии раце веќе 22 години се создаваат тетоважи, овој занает е тесно поврзан со медицината, а најважниот сегмент се хигиенските услови без кои незамисливо е да се работи. „Одговорноста е голема. Доколку некој не е сигурен дека може да ги понуди стандардните хигиенски услови, не треба да го работи ова. Иглите се за една употреба, а просторот и машинката секојдневно се стерилизираат. Боите мора да се запаковани, а откако ќе почне процесот, најлончето се фрла. Освен кожата и тетоважата, со нараквиците со кои се работи, не смее да се допре ништо друго за време на процесот“ – вели Јованоски, од студиото „Митко-тату“ во Охрид.

Според едни, тетовирањето е еден вид помодарство, додека други сметаат дека означува идентификација и припадност кон некоја група. „За време на турското ропство, во Дебарца и во Кумановскиот регион забележани се мажи со исцртани крстови по рацете. Преку тие симболи, населението се идентификувало со определена религиозна група. Така и тетоважите на моето тело, имаат некаква симболика која има значење за мене. Постојат и луѓе, кои ги копираат тетоважите на славните личности, но тоа е веќе личен избор“ – вели Томе Николовски, чие тело е прекриено со неколку тетоважи.

Дерматолозите предупредуваат дека при процесот на тетовирање, постојат ризици од ширење на разни вирусни инфекции. „Доколку едно лице се одлучи да стави тетоважа, мора да однапред да биде запознаено со овој процес. Пред се, мора да се внимава на хигиената. Во никој случај, тетовирањето не смее да се врши во импровизирани простории со нестерилизирани игли. Преку нив се пренесуваат разни заразни болести, како што е Хепатитот Ц. Исто така, постојат и можности од појава на алергиски реакции кои знаат да бидат доста непријатни.“ – истакнуваа дерматолог од охридскиот регион, кој сакаше да остане анонимен.

За крај, тетовирање како еден вид култура која е во постојан раст, не ја одминува ниту Македонија. Доколку едно лице се одлучи на ваков чекор, мора внимателно да размисли каде и на кое место од телото ќе ја исцрта тетоважата, при тоа избирајќи го вистинското место каде што хигиенските услови се навистина запазени.

О.Т