Млеката на Дукат повторно на продажните места во Македонија, со двојна проверка за нивната безбедност и здравствена исправност, пренесува „Макфакс“.

Новата пратка млека покрај сите редовни микробиолошки контроли на млекото , успешно го поминале и сопствениот систем на контрола на присуство на микотоксини во суровото млеко од фармите.

Ова следува откако компанијата во Македонија, доброволно донесе одлука да ги повлече сите млека од овој бренд од продажба, откако во дел од млеката на Дукат кои беа во магацините беше пронајдена недозволива количина на канцерогената супстанца афлатоксин. Овие млека не беа пуштени во продажба.

„Со сите активности и вложувања што ги направи за елиминирање на проблемот, што очигледно е распространет низ целиот регион, Дукат покажа дека е подготвен да понуди и спроведе реални решенија без притоа да прави било какви компромиси околу квалитетот, безбедноста и здравствената исправност на сите свои производи“ изјави Благоја Слабе, генералниот директор на Дукат во Македонија.

Компанијата вложила финансиски средства за набавка на опрема за контрола на микотоксини во суровото млеко што го откупува од фармите во сите свои капацитети во регионот.

Компанијата провремено го прекинала откупот на сурово млеко од одредени фарми и интензивно, во соработка со надлежните државни органи во земјите на производство и со фармерите работела на елиминирање на причините за појавата на овој токсин во млекото, кој како што стои во соопштението, потекнува од употребата на несоодветна сточна храна и претставува проблем во овој дел од Европа.

OhridNews
извор:„Макфакс“