По 21 годинa, мисијата на ММФ за прв пат ќе остане без свој претставник во Македонија.

ММФ одлучи по завршувањето на мандатот на сегашниот претставник Патрик Житон, да не назначува нов. Сепак канцеларијата во Скопје ќе продолжи да работи и ќе врши надзор на макроекономските показатели и политики.

„При носењето на оваа одлука, фондот имаше предвид дека силно присуство на терен е помалку потребно во отсуство на програма на ММФ во Македонија “   

Одлуката на ММФ иако е соопштена со дипломатски речник, според дел од економистите испрака многу сериозна порака која може да  создаде паника и забуна кај инвеститорите,потрошувачите и економските агенти. Прашање е вели професорот Абдулменаф Беџети зошто се носи во време кога нивното присуство е најпотребно од аспект на макроекономската стабилност.

Пораката е особено сериозна ако се знае дека и досега сме имале ситуации без аранжман со ММФ,но нивниот мониторинг бил активен. Наместо канцеларија без шеф, тековната политичка криза вели Беџети бара зајакнување на нивната мисија особено во ситуација кога се најавува ново задолжување.

Од 1995 година до сега, Македонија имала 7 аранжмани со ММФ. Во февруари минатата година земјата ги отплати преостанатите обврски кон Фондот во износ од 173 мил долари а последната кредитна линија беше во јуни 2011, од 220 мил евра од аранжманот за претпазливост. ММФ тогаш наведе дека парите треба да се користат само во случај на непредвидени шокови за економијата но владата ги повлече пред вонредните парламентарни избори.

OhridNews
Извор:„Телма“