Умерен економски раст од два отсто во 2013 година се уште е остварлив за македонската економија, но е предмет на значителни проблематични ризици, со оглед дека надворешната средина останува тешка, изјави Ивана Владкова Холар, шеф на тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што во изминатите две недели спроведе мониторинг на македонската економија.

– Политиката на конзервативни фискални, монетарни и финансиски политики им овозможи простор на македонските власти во политиките за соочување со ефектите од прелевањето на глобалната криза, рече денес во Скопје Владкова Холар, на заедничката прес конференција со министерот за финансии Зоран Ставрески.

Таа додаде дека Македонија избегнала голем пад во производството и проблематичен одлив на капитал и дека е добро позиционирана да се врати кон растот кога ќе дојде до заздравување на ситуацијата во Европа.

Холар оцени дека планираниот дефицит на владата од 3,5 отсто како и тековната монетарна политика се соодветни на актуелните состојби. Таа со совет до Мкедонија- како што ќе се враќа растот на економијата постепено да се намалува нивото на долгот со цел да создаде простор за идни контрациклични одговори.

ММФ смета дека властите треба повторно да воспостават среднорочна фискална стратегија и стратегија за управување со долгот во креирање на буџетскиот процес за 2014 година, што би ја зголемило транспарентноста и би претставувало рамка за приоритетните трошоци.

Тимот на ММФ оцени дека македонските власти направиле добар напредок во продолжување на роковите за доспевање на внатрешниот долг.

Министерот Ставрески рече дека постојат изгледи Македонија да го оствари проектираниот раст од два отсто, додавајќи дека тоа пред се би се базирало на солидното остварување на компаниите што работат во слободните економски зони и на јавните инвестиции во неколку клучни области, пред се во патната инфраструктура.

OhridNews
извор: Makfaks