По осми пат годинава, на 9- ти октомври во Охрид, во организација на општинскиот Црвен крст ќе се одржи хуманитарната и спортско-рекреативна акција „ За посреќно детство“. Младите охриѓани ќе имаат можност своите спортски вештини и способности да ги презентираат преку натпреварување во бројни спортски дисциплини и културно-забавни содржини.

Целта е да се поттикне најпрво спортскиот дух, но и хуманитарниот дел кај луѓето, особено младите кои учествувајќи во оваа акција всушност им помагаат на своите врсници, на децата од социјално загрозените семејства пред се со средства за набавување на основни животни намирници како и за лекување, реализирање на здравствените потреби на тие деца, нагласува претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Манифестацијата ќе започне во 12 часот со главна трка во која ќе учествуваат деца од најразлична возраст, а ќе продолжи со спортските активности и забавните содржини кои ќе се одржат кај Центарот за култура и градската библиотека. Стартот на трката ќе биде на плоштадот Чинар, а целта на градското пристаниште. На манифестацијата учество може да земат сите кои сакаат да бидат хумани и кои ќе купат учеснички број кој чини симболични 30 денари.

Традиционален партнер на акцијата „ За посреќно детство“ е комплексот Св.Ѓорѓија-Стоматолошки Центар Д-р Баткоски, кој и оваа година подготви голем број награди и изненадувања, како и бесплатни корисни совети и препораки за грижа и заштита на здравјето на устата и забите кај децата и возрасните.

Нашите тимови на терен ќе вршат запознавање на најмладите со стоматолошкиот стол и останатите инструменти, ќе делат совети за одржување на орална хигиена и ќе делат четки и проспекти за правилно четкање на забите. Наша цел е да ги запознаеме сите од какво значење е одржување на хигиената на забите затоа што само со редовно одржување ќе имаме здрави заби, вели д- р Катерина Верушеска.

Извлекување на наградите со учесничките броеви ќе биде на 24 октомври во 18 часот на телевизија ТВМ. Меѓу 50- те награди се и наградите- седумдневно зимување на Златибор, престој во Крагуевац, викенд во Крушево.

Т.К.