Богата музичка програма и интерактивни содржини за посетителите од сите возрасти ќе понуди Вевчанскиот карневал, кој ќе се одржува од 10-ти до 14-ти јануари 2014-та година. Карневалот кој ќе го носи слоганот ,,Биди и ти вистински Василичар”  вклучува многу новини во  целокупната организацијата.

Градоначалникот на Општина Вевчани, Цветомир Угриноски вели дека вевчанци вложуваат максимални напори за беспрекорна организација на претстојниот карневал.

-Работевме детално, ги извлековме најдобрите активности од се што беше предложено и понудено и засега можам само да ветам дека не очекуваат навистина интересни содржини. Токму затоа ја поздравувам целата јавност и ја поканувам да биде дел од ова василичарско доживување, изјави Угриноски.

Од организациониот одбор на карневалот нагласуваат дека целта на овогодишната организација е карневалот да добие една поширока димензија.

 -Целта ни е на претстојниот карневал да земат учество не само Вевчанци, туку во поворката со маски да се вклучат и посетителите на Вевчани, да го почувствуваат василичарскиот дух и да бидат дел од големото карневалско доживување. За сите нив ќе бидат обележани куќи на гостопримство, каде ќе бидат пречекани од домаќините и ќе можат да вкусат од традиционалните вевчански специјалитети, објаснуваат органзиаторите. Тие најавуваат дека најдобрата групна маска од карневалот ќе биде наградена со буре црвено вино.

Покрај стандардните активности од програмата ќе бидат организирани и детско василичарско катче, натпревари во греано вино и ракија, тркалање буриња, влечење јаже, цепење дрва како и други интересни содржини.

Организаторите потенцираат дека карневалската Музичката програма ќе биде една од најбогатите во историјата на карневалот. На 12-ти јануари гостите ќе ги забавуваат момците од популарниот рок бенд ,,Ван Гог’’, а свои настапи ќе имаат и Ѓоко Танески и групата ,,Куку Леле’’.  На 13-ти јануари за забавата ќе бидат задолжени  македнските фолк ѕвезди Миле Кузмановски, Сузана Спасовска и Ефто Пупиновски.

Новост во музичкиот дел од организацијата на карневалот ќе бидат дневни акустични свирки во амфитеатарот за кои ќе биде задолжен етно составот ,,Теодулијаќќ од Србија чии лидер е Мима Шекуткоска која потекнува  од Вевчани.

OhridNews