Тројцата македонски државјани кои загинаа во тешката сообраќајна несреќа во Словенија се едно полнолетно и две малолетни лица, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
До Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана било доставено официјално известување од словенечката полиција за тешката сообраќајна незгода што се случила на 27 август на автопатот А1, во близина на Унец.
Во незгодата животот го загубиле три лица – едно полнолетно и две малолетни лица, државјани на Македонија. Повредени се уште две лица кои се наоѓале во возилото и кои исто така се македонски државјани, информира МНР.
Случајот го истражуваат надлежните полициски органи во Копер, а македонската Амбасада во Љубљана е во комуникација со надлежните словенечки институции и го следи понатамошниот тек на постапката.
Според официјалните информации од словенечката полиција, несреќата се случила вчера околу 16:30 часот на автопатот меѓу Унец и работната зона пред Равбаркоманда. Камион поради дефект бил запрен во ниша покрај автопатот, кога автомобилот во кој се наоѓале петте македонски државјани удрил во задниот лев дел од приколката.
Едно од повредените лица со хеликоптер било пренесено во болница, додека повредениот возач бил транспортиран со возило на Итната медицинска помош.
Истрагата за причините и околностите под кои се случила трагичната несреќа продолжува.
OhridNews
Тројца македонски државјани загинаа во тешка сообраќајна несреќа во Словенија











