МНР на Република Македонија ги осудува јавните настапи со навредлива и запаллива реторика на официјални лица на Република Албанија, кои се однесуваат на Република Македонија, велат од министерството како реакција на изјавата на алабанската пратенича Месила Дода дека „Македонија не постои, туку дека тоа е стара албанска покраина која се вика Илирида“, пренесува „Макфакс“.
Неодговорните изјави на јавни личности, кои, по својата функција, налагаат и подразбираат одговорност за јавно искажаниот став, не се во духот на добрососедските односи и декларираните заложби за пријателство и соработка меѓу двете земји, и особено не во духот на европските вредности, додаваат од МНР.
Со сето разбирање дека изјавите се индивидуален став и чин на поединци, очекуваме официјалните лица во соседството, да се воздржат од потпалување на тензиите во Регионот, порачуваат од МНР.
Далеку покорисно би било доколку нивната енергија би ја насочиле кон конструктивни предлози и иницијативи – со што би ја зајакнале соработката и довербата меѓу двете земји, би го подобриле стандардот на граѓаните, но и би ја забрзале европската интеграција. Остануваме уверени дека пратеничката функција подразбира голема чест, но и највисока одговорност, порачуваат од МНР.
OhridNews