Композицијата „Waves“ („Бранови“) од композиторот Ангел Спироски е првата најава за деби албумот „ДоМа“ на гитарското Дуо Дениција составено од  Анастасија Милеска и Александар Андријевски. Нивниот проект е насочен кон создавање нов, речиси непостоечки, репертоар за дуо класични гитари од македонски автори.

Идејата е да создадеме репертоар за класично гитарско дуо од македонски современи композитори, вели младата  огитаристка од Охрид,  Анастасија Милеска.

Aлбумот „ДоМа“ обединува шест оригинални дела од современи македонски композитори: Дарија Андовска, Панде Шахов, Ана Пандевска, Вања Ѓумар Николовски, Филип Иванов и Ангел Спироски.

Проектот е целосно инициран од Дуо Дениција, а сите дела се специјално напишани за нивниот изведувачки состав.

Ваквите иницијативи се особено значајни за развојот и видливоста на современата македонска музика, поттикнувајќи ново творештво и продлабочена соработка меѓу композиторите и изведувачите. „Waves“ е инспирирана од Охридското Езеро, а во поширока смисла и од народната песна „Ој ти момче охриѓанче“. Композицијата ја истражува идејата за копнеж како внатрешна состојба, пренесена преку менливи звучни бои и текстури што асоцираат на постојаното движење на водата, вели композиторот Ангел Спироски.

Дигиталното издание на албумот „ДоМа“ ќе биде достапно на сите стриминг платформи од 26 март, додека физичките копии ќе бидат достапни од средината на април.

OhridNews