Со свеченост на Денот на независноста – 8 Септември, денеска беше пуштен во употреба модернизираниот дел од Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Инвестицијата на ТАВ Македонија е вредна 2,7 милиони евра и треба да обезбеди поголем оперативен капацитет, подобри услови за патниците и вработените и натамошен раст на воздушниот сообраќај.

Во рамки на проектот реновирани и адаптирани се 3.364 квадратни метри од терминалната зграда. Проширени се зоните за пријавување на патниците, безбедносна и пасошка контрола, гејтовите, просторот за преземање багаж и просторите за пристигнување и заминување. Проширена е и административната зграда, со подобри услови за вработените, Граничната полиција и Царината.

Терминалот доби и нов визуелен лик, во кој се вградени мотиви од културното наследство на Охрид – реплики на мозаици од Стариот град и Плаошник и фрески од катедралната црква „Св. Софија“.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека охридскиот аеродром е значајна алка за развојот на Охрид, Струга и целиот регион, а неговиот натамошен развој треба да придонесе за раст на туризмот и локалната економија.

Охридскиот аеродром е значајна алка, пред сè, за развојот на целокупниот регион, за развојот на Македонија како држава, но истовремено и за развојот на Охрид, Струга и останатите општини кои се во близина, рече Мицкоски.

Тој посочи дека годинава веќе се поставуваат нови рекорди во работењето на аеродромот, меѓу кои ден со повеќе од 3.000 опслужени патници и ден со повеќе од 20 полетувања. Според Мицкоски, со новите инвестиции и поддршката од Владата треба да се поставуваат уште повисоки цели во развојот на воздушниот сообраќај.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека модернизацијата е значаен чекор во унапредувањето на аеродромската инфраструктура, потсетувајќи дека последните големи интервенции на охридскиот аеродром биле направени во 1970 година.

Тој посебно го истакна новиот изглед на терминалот и неговата поврзаност со културното наследство на Охрид.

Овој аеродром е еден мал музеј кој го претставува регионот и се надевам дека сите кои ќе патуваат од тука ќе уживаат, рече Николоски.

Според него, развојот на аеродромот оди паралелно со подобрувањето на патната инфраструктура. Делот од автопатот Охрид – Кичево до аеродромот веќе е во функција, а најтешката делница се очекува да биде отворена во следните месеци. Целта, како што посочи, е подобро инфраструктурно поврзување и позиционирање на земјата како сообраќајна крстосница на Балканот.

Главниот извршен директор на ТАВ Аеродроми, Серкан Каптан, истакна дека компанијата досега инвестирала речиси 300 милиони евра во македонските аеродроми, додека поврзаноста и годишниот сообраќај во изминатиот период се зголемиле повеќе од четири пати.

Во ТАВ Аеродроми не инвестираме само во аеродроми – инвестираме во поврзување на луѓето, развој на дестинации и обликување на иднината на регионите што ги опслужуваме. Оваа инвестиција е уште еден чекор кон поврзување на Охрид со повеќе дестинации и овозможување повеќе луѓе да го доживеат природното, културното и историското богатство на регионот, истакна Каптан.

Модернизацијата доаѓа во период на рекорден раст на охридскиот аеродром. Во првите осум месеци од 2026 година биле опслужени 232.421 патник, што претставува раст од 26,5 проценти во однос на истиот период минатата година.

Само во август преку „Св. Апостол Павле“ поминале 57.239 патници, или 33,8 проценти повеќе од август минатата година, а реализирани биле 425 операции, што е раст од 15,2 проценти.

Во текот на летната сезона Охрид е поврзан со 17 дестинации преку осум авиокомпании, додека јули 2026 година беше најуспешниот јули во историјата на охридскиот аеродром.

Од ТАВ посочуваат дека со модернизираните капацитети Аеродромот „Св. Апостол Павле“ е подготвен за следната фаза на раст, повеќе патници, нови можности и посилна поврзаност на Охрид и регионот со Европа и светот.

OhridNews