Специјализираниот фудбалски портал „Goal.com“, повикувајќи се на неименуван извор од редовите на англискиот премиерлигаш Тотенхем, пренесува дека клубот е подготвен да го задржи Лука Модриќ, дури и по цена целата сезона тој да ја мине во резервниот тим.

Модриќ ги налути сите во клубот, а најмногу претседателот Даниел Леви, откако одби да влезе во авионот кој играчите на Тотенхем ги однесе на подготовки во САД, а потоа одби и да тренира во тренинг центарот на клубот.

Според порталот, Леви е подготвен животот на Модриќ да му го направи вистински пекол. Тој бил подготвен да го задржи хрватскиот репрезентативец во клубот и против негова желба, доколку никој не понуди 40 милиони фунти.

„Модриќ очигледно ништо не научил минатото лето. Многу е глупав што влезе во отворена војна со Леви. Клубот ги слуша понудите на другите клубови, но неговата цена нема да биде намалена“, ја пренесува изјавата на неименуваниот извор „Goal.com“.

Според некои извори Модриќ од трансферот во Реал го делат пет милиони фунти, но британските медиуми пишуваат дека тој нема да биде реализиран во скоро време, бидејќи и двата клуба не брзаат и ја играат својата игра.

“макфакс“