
-Знаеме дека е тешко да се биде самохран родител, и знаеме дека е тешко да се донесе одлука за напуштање на своето дете. Ние се одлучивме да се погрижиме токму за овие родители и да им дадеме поддршка да ги задржат своите деца дома во своето семејство, каде што им е местото, затоа што ниту еден дом не може да биде замена за семејството, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, на промоцијата на проектот.
Со проектот се очекува да се намали бројот на деца без родители во Република Македонија.
Според податоците со коишто располага Министерството за труд и социјална работа во текот на минатата година имало 1.700 евидентирани разводи. Според електронската евиденција Лирикус што ја има Министерството во моментов има 76 самохрани мајки коишто се корисници на парична помош од државата. Само во текот на минатата година во Домот за доенчиња во Битола се згрижени нови 78 деца, од нив 80 проценти се трајно напуштени, а 20 проценти привремено. Во моментов во Домот за доенчиња има 101 дете.












