Политичарите да не си играат со оган во однос на меѓуетничка конфронтација, загрижена сум за состојбата во Скопје, но гледам потенцијал за решавање на кризата, како што е седница на парламентот и избор на спикер, изјави високата претставничка на Европската унија за надворепна и безбедносна политика, Федерика Могерини, по дискусијата на Советот за надворешни работи на Европската унија за Република Македонија.

„Нема да давам детали што некој министер кажа на денешниот состанок, но можам да кажам дека генерално сите министри ги поддржаа силно пораките што ги изразив во Скопје. Всушност, јас тоа го изразив и на состаноците со претседателот и со другите политички лидери, но и јавно, не само во име на ЕУ, туку и во име на генералниот секретар на НАТО. Колку сум загрижена? Сум. Но, се обидувам да се научам да одам над загриженоста и да видам потенцијал за решавање на политичката и институционална криза, бидејќи она со што се соочува Скопје е политичка и институционална криза, која сум загрижена да не се претвори во меѓуетничка криза“, истакна Могерини на прес-конференција по одржувањето на состанокот на шефовите на дипломатиите.

Високата претставничка на Унијата испрати, како што рече главна порака на политичарите „во Скопје“ „Да не си играат со оган и меѓуетничка конфронтација, што ќе ја повлече земјата. Има инструменти за решение, како што е мудрост на претседателот, капацитетот на парламентот да продолжи со избор на спикер и деблокирање на состојбата за институционалната и политичка криза да се менаџира со инструментите што ги има Скопје, без мешање. Нормално, пријателите може да се грижат за состојбата и иднината на партнерите. Веруваме дека има можности да се излезе од институционалната криза. Има ресурси за тоа во Скопје, каде имав искрена и конструктивна размена за ова со сите политички лидери во парламентот и со претседателот. Се надевам дека мудроста ќе надвладее“, порача Федерика Могерини.
Шефовите на дипломатиите на ЕУ-земјите, на Советот на Унијата не донесоа заклучок во однос на дебатата за западен Балкан и земјите во регионот, па она што го пренесе Могерини, како и некои од министрите претходно, се само пораки што во име на Европската унија се испратија кон регионот.

Шефот на холандската дипломатија Берт Кундерс побара да се намалат тензиите во Македонија и да се почитува парламентарното мнозинство, а ЕУ да покаже единство.
„Сметам дека мора да се почитува парламентарното мнозинство и треба да се потенцира важноста, за работите во земјата да се одвиваат без вербална агресија. Тоа мора да се реши од самата земја. Отворени сме за движењето на Македонија кон ЕУ и НАТО , но ова мора да се реши на мирен начин“, изјави Берт Кундерс.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, побара од шефовите на дипломатијата на земјите членки на Советот за надворешни работи на ЕУ, да ја осудат ткн „албанска платформа“ како мешање на странски премиер во внатрешните работи на соседната држава.

OhridNews
извор Макфакс