Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Дејвид Мојс, по поразот на неговиот тим во градското дерби од Манчестер Сити (0:3), на новинарите им изјавил дека тој е виновникот за лошите игри на ’црвените ѓаволи’ оваа сезона.
„Јас сум човекот кој го составува тимот, ја превземам одговорноста, секогаш ќе го правам тоа. Ова е разочарувачки. Мислев дека годината ќе биде тешка, но ова е навистина разочарувачки“, рекол Мојс.
Манчестер Јунајтед се наоѓа на седмото место на табелата со 51 бод, а во тековното првенство загуби повеќе натпревари на домашен терен, него што тоа беше случај во последните три години.
Сити победата на „Олд Трафорд“ ја најави по само 44 секунди игра, кога Џеко го постигна првиот гол.
„Не успеавме да го започнеме натпреварот, а тие веќе постигнаа гол, тоа им ја подигна самодовербата. На полувремето им кажав на играчите дека мора да ги притиснеме на нивната половина, но тоа не се случи“, дополнил Мојс.
Манчестер Јунајтед во следното коло, во сабота, ќе ја пречека екипата на Астон Вила.
„Макфакс“