Новиот менаџер на англискиот фудбалски шампион Манчестер Јунајтед, Давид Мојес, изрази сомневање дека челниците на Премиер лигата намерно составиле тежок распоред на натпреварите на почетокот од новата сезона за неговата екипа.

Во првите натпревари Манчестер Јунајтед игра на свој терен со Челзи, а потоа му гостува на Манчестер Сити, двата најголеми ривала во трката за новата титула, па му следи уште едно тешко гостување кај Ливерпул кој веќе неколку години се обидува да се врати на старите шампионски патеки.

„Мислам дека тоа е најтежок почеток на сезоната што Манчестер Јунајтед го имал во последните дваесет години. Се надевам дека тоа не е затоа што Манчестер Јунајтед така убедливо ја освои титулата минатата сезона“, изјави Мојес за BBC.

„Тешко ми е да поверувам дека топчињата со имињата на ривалите на жребот излегувале токму по тој редослед, тоа е сигурно“, додава Мојес чијашто екипа го игра првиот меч од новиот шампионат против Свонси Сити во сабота.

Градскиот ривал на „црвените ѓаволи“, Манчестер Сити, во првите пет натпревари има само еден меч против водечките екипи, и тоа против Манчестер Јунајтед. Челзи, исто така, има само еден „тежок“ меч, во првите пет кола, и тоа повторно против Јунајтед на 26-ти август.

„Макфакс„