Новата подлога е „легната“, рефлекторите се поставени и сѐ е подготвено за почетокот на традиционалниот ракометен турнир, кој има за цел да го врати своето реноме на ракометната меѓународна сцена со сиот свој сјај.
– Теренот и сите други негови придружни елементи се според стандардите и барањата на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Долго траеше оваа подготовка и затоа сакаме сѐ да биде под конец – велат од организацискиот одбор на овој турнир.
Според предвидениот план и програма на турнирот, ќе се одржат и два тренерски семинари и предавања. На едниот, своите искуства ќе ги сподели тренерот на Металург, Лино Червар, кој со селекцијата на Хрватска стана олимпискиот првак во 2004 година, а своја тренерска презентација ќе има и тренерот на Данкер, Патрик Казал.
Од организацискиот одбор очекуваат огромна посета на турнирот на кој љубителите на ракометот ќе може да ги погледнат претставниците на Франција, Белорусија и на Македонија.
– И во оние „посни“ години, единствената трибина беше исполнета, така што во оваа конкуренција сигурни сме дека стружани, но и туристите кои ќе престојуваат во Струга ќе може да уживаат во врвен ракомет – велат стружани.
Турнирот почнува утре (18.30 ч.) со мечот помеѓу домаќинот Струга и белорускиот претставник Динамо Минск, а од 20.45 часот е шлагот на вечерта, пресметката помеѓу македонскиот шампион Металург и романскиот клуб Дадеман Бакау.
За бекот на Металург, Наум Мојсоски, овој турнир ќе претставува добра увертира за она што им претстои за скопјани на меѓународната и на домашната натпреварувачка сцена.
– Чест и задоволство ми е да се вратам дома, на струшкиот турнир, кој годинава е квалитативно издигнат и е на одлично ниво. Се надевам дека нема да се застане тука, само на ова 40. издание, туку дека и во наредните години ќе биде на вака високо ниво. За нас резултатот на турнирот, иако е значаен, сепак ќе биде во втор план, а акцентот ќе биде насочен повеќе на уигрување на екипата по досегашните базични подготовки и она што нѐ очекува во квалификациите за пласман во групната фаза во Лигата на шампионите. Досега сѐ оди според планот, па се надевам дека така и ќе продолжиме – истакна Мојсоски.
фото Емилио
М.П.
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com