Денешното усвојување на повеќе од 40 урбанистички планови кои се носат со локална урбанистичка планска документација- ЛУПД, Паноски го нарече урбанистичко предавство на Охрид и неговите вредности. На ова Петрески одговори дека со примена на ЛУПД конечно се решаваат проблемите на граѓаните кои години наназад чекале да им се решат одредени барања од сферата на урбанизмот. Градоначалникот додаде дека сите урбанистички планови се носат согласно законските прописи и ги повика во иднина заинтересираните граѓани да присуствуваат на седниците на кои ќе се донесуваат плановите.
Одговарајќи на советничко прашање, Петрески најави дека на 4 јули, колекторскиот систем во Пештани ќе биде пуштен во употреба. Во врска со дислокацијата на селските гробишта, градоначалникот информира дека нема услови за нивно дислоцирање, туку дека се бара нова локација на која ќе биде новото гробно поле.
Советникот Томислав Тунтев праша дали ќе се менува дограмата во основното училиште Св. Климент Охридски, на што му беше одговорено дека овој зафат наскоро ќе се реализира со средства од норвешка донација. Поради проблеми во водоснабдувањето на охридскиот аеродром, Тунтев побара аеродромот да се поврзи на охридскиот систем за снабдување со вода. Од МЈП “ Проаква” беше одговорено дека постојат технички можности за ова, но потребно е менаџерскиот тим од аеродромот да поднесе барање, по што ќе започне постапката.
Ова се дел од прашањата кои беа поставени на денешната седница на Советот на општина Охрид со една точка на дневен ред- советнички прашања. Меѓу другото, надлежните одговараа и на прашањата поврзани со градежните зафати на улицата Железничка, канализационата мрежа под бараките, дали ќе се проширува патот кој води од старата дрвара кон Горна порта.