Учебници има за сите ученици, годинава е испечатен целиот тираж кој го побараа сите училишта, преку посебната електронска апликација за пријавување на потребни количини на учебници. Испечатени се претходно одобрените учебници по сите предмети, новите за седмо одделение и за прва година во гимназиите, но и новите по странските јазици по кои недостасуваа седум години!, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).

Најголем дел од тиражот, над 90% се испорачани, а на дистрибутерите им се потребни уште неколку дена за да ја заокружат целосно испораката. Понатаму, планот за распределба на учебниците кон ученици го прават училишните раководства и персоналот, велат.

По однос на новиот електронски дневник, информираат дека истиот е изработен со поддршка од Европската унија преку ИПА фондовите, тестиран е заедно со корисниците и функционира одлично.

Во системот веќе се евидентирани повеќе од 250 илјади корисници – наставници, класни раководители, директори и администратори. Веќе се внесени повеќе од 90% од податоците за учебната 2025/2026 година. Над 15 илјади паралелки се креирани, а класните раководители внесоа над 3000 распореди. Податоците од старите системи се пренесени во новиот систем. Од почетокот на користењето на системот, нема никакви предизвици, а министерството е постојано на располагање за било каква потребна корисничка и техничка поддршка преку службена е-пошта, посочуваат од МОН.

Функционалноста на е-дневникот додаваат се проверува многу едноставно од страна на било кој граѓанин, електронски со пристапување кон линкот https://ednevnik.edu.mk .

OhridNews