Во Република Македонија во учебната 2011/2012 година осмоодделенци има вкупно 23 922 ученици, а за оваа учебна година обезбедени се доволен број на слободни места, вкупно 34 791 ученички места, во сите јавни средни училишта во Република Македонија, информираат од министерството за образование.

Комисијата за запишување на ученици во прва година во јавните средни училишта во Република Македонија за учебната 2012/2013 година, врз основа на податоците за уписот во претходните учебни години, утврди дека интересот на учениците за упис во помалку атрактивните струки се намалува секоја година, посебно во техничките струки.

Од таа причина комисијата заклучи дека е потребно намалување на бодовите кај повеќето од струките се со цел да им се овозможи полесно запишување на учениците, но и нивно останување во струката, односно избраниот профил што е многу важен момент за голем број на средни стручни училишта. Бројот на поени за запишување во средно училиште остана ист за гимназиско образование, здравствена струка, економско, правна и трговска струка, сообраќајна струка и за образовниот профил техничар за очна оптика од струката лични услуги. Бројот на поени се намали за 5, за сите профили во електротехничка струка, а за останатите се намали на 45 поени. За образовните профили во тригодишно траење бројот на поени остана ист и изнесува 30 поени.

Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во два уписни рока. Првото пријавување и запишување на учениците во јунскиот уписен рок се врши на 14 и 15 јуни 2012 година, а резултатите од запишувањето и сло¬бод¬ните места ќе се објават на 18 јуни 2012 година. Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 27 и 28 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 29 јуни 2012 година.
 Пријавувањето и запишувањето на учениците во августовскиот рок ќе се врши на 16 август 2012 година, а резул¬та¬тите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 17 август 2011 година.
 
Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 21 јуни 2012 година, а резултатите ќе се објават на 22 јуни 2012 година. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.

Во однос на намалувањето на поените во второто пријавување во првиот уписен рок и вториот уписен рок, комисијата го утврди следното: Училиштата за второто пријавување во првиот уписен рок можат да го намалат утврдениот број на минимум поени дадени во Конкурсот, за најмногу 5 поени.

Училиштата кои во двата уписни рока не ги потполниле утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс продолжуваат со запишување на учениците до 31 август 2012 година.

OhridNews