Во рамките на фестивалската програма на Охридско лето, синоќа беше изведена монодрамата „Сите најубави нешта“ работена според мотиви на Данкан МекМилан, во режија на Дејан Пројковски, a во продукција на ОХО.

Публиката преку задачи беше активно вклучена во самата изведба. Повеќето збунети но и поттикнати да размислуваат за среќата, низ смеа но и солзи доживеа посебно интимно театарско искуство.

Прекрасен амбиент, на многу интересно место, на несекојдневно место ја играм претставата, а што се однесува до реакциите секаде се исти без разлика дали ја играм во театар или надвор. Претставата ги допира луѓето. Пораката пред се е дека треба да се разговара, особено за работите за кои ни е најтешко да зборуваме, вели Ангелов.
Монодрамата е приказна за тоа како е да се биде дете на родител кој поминува низ тешки животни моменти и колку сме потребни за оние што ги сакаме, за менталното здравје, за децата соочени со тешките животни моменти низ кои минуваат родителите, за механизмите на справување кои ги развиваме низ животот и за случките кои оставаат белези на растењето и на животот како возрасни.
Оваа монодрама потенцира колку е важно да остане надежта во фокусот и колку најмалите нешта на животниот список се причина за радување.

Низ музиката како емотивен музички џубокс ликот не води низ претставата во разни ситуации обидувајќи се да ја спаси мајка си, но и да ја врати надежта во нејзиниот живот.
Ако му се насмееш на светот и тој тебе ќе ти врати со насмевка, вели Ангелов.

Дејан Пројковски е еден од најдобрите и најзастапените режисери на Балканот и пошироко. Во неговиот професионален опус, не постои претстава која ја има режирано, а која има поминато незабележително и без награда на некој од најзначајните регионални фестивали.
OhridNews











