Се уште е неизвесно дали во Охрид ќе бидат поставени трите монтажни куќички за продажба на сувенири предвидени со проектот на Министерството за култура на Република Македонија, од каде не се откажуваат од реализација на оваа идеа.

– Во Охрид и Струмица се уште немаме добиено одобрение за поставување на времени објекти за промоција на туризмот и културно историското наследство на Македонија кои во местата каде што се поставени веќе го привлекуваат вниманието на посетителите. Мене ми е навистина жал што немаме можност овие објекти да ги поставиме во Охрид. Ќе се потрудиме повторно да ургираме кај општината да се дадат одобренија за поставување на овие времени објекти, на крајот од краиштата ќе ги донесеме овде па ако се нема заинтересираност тоа ќе биде на штета на градот Охрид, изјава министерката за култура Елизабета Канческа Милеска.

Од Локалната самоуправа деновиве информираа дека општина Охрид не е против поставување на унифицирани продавници за сувенири кои се дел од проектот на министерството за култура за промовирање на културните вредности, но потребно е да се запазат законските прописи. Оттаму објаснуваат дека за тие да бидат поставени потребно е најнапред врз основ на доставено барање од министерството да се изготви програма за поставување времени објекти, врз која што ќе биде направено идејно решение кое потоа би се гласало на советот на општината.

Такво барање е доставено до општината тврдат од охридскиот Завод и Музеј, посочувајќи дека официјално со допис до Локалната самоуправа било побарано втипизираните куќички за продажба на сувенири да се вметнат во програмата за поставување времени објекти што ја носи Советот, но тоа не било направено.

OhridNews