Новинарите работат за вистината и нивните стории секогаш ќе бидат кажани, порачува првиот човек на Европската федерација на новинари (ЕФН), Могенс Блихе Бјерегард. Во интервју за Инбокс7, кое го реализира Искра Опетческа, тој уште вели дека истражувачкото новинарство е еден од начините за борба, за зачувување на достоинството на новинарската професија чија иднина ја гледа во соработката меѓу он-лајн медиумите и социјалните мрежи.
Бјерегард потенцира дека новинарите мора да се борат за новинарството, слободата на говорот и особено за саморегулацијата, како најважен начин за обезбедување квалитет.
„Страшно е да се види што се случува тука, да се праќаат новинари во затвор. Сите ние се надеваме дека Кежаровски ќе биде ослободен. Тоа е страшна работа.Во земја каква што е Македонија, важно е новинарите да се организираат, да бидат силни. Да бидат силни за да може да влијаат врз политиката, да може да направат разлика и да бидат способни да и кажат на јавноста колку е важно тоа дека новинарството игра клучна улога во демократијата. Сите ние мора да знаеме кои се стандардите, а тоа се слободни медиуми, слободата на говорот, слобода на уредувачката политика.“ – вели Бјерегард.
Тој потенцира дека он-лајн медиумите не можат да сокријат информации, без разлика дали Владата врши притисок врз медиумите и новинарите.
„Новинарските стории секогаш ќе бидат кажани. Но, прво мора да видиме кои алатки ќе ги користиме. Борбата за вработување е денес, исто така, голем проблем. Без организирање на новинарите и медиумските работници тешко ќе се направат промени бидејќи ова не е само за новинарите, туку за целото општество. Новинарите работат за општеството, за да ја кажат вистината, работат да дадат информации кои се неопходни за развој на демократијата.“ – потенцира Бјерегард.
Меѓудругото тој вели дека истражувачкото новинарство е поддржано од многу меѓународни медиумски организации, кои претставуваат важна алатка која не само што ја покажува солидарността, туку и го прави новинарството реалност.
OhridNews
извор: „Инбокс7“