Граѓанската асоцијација МОСТ ќе го набљудува утрешното прегласување во деветте гласачки места во Струга, 29-те во општина Центар и едно во Ѓорче Петров. Исто така, набљудувачите ќе бидат присутни и на вториот изборен круг во општината Долнени.

Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и мобилни тимови, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои МОСТ нема статични набљудувачи.

Покрај гласањто во недела, МОСТ го набљудува и денешното предвремено гласање на болни и немоќни лица,

Жолтите маици, на кои на предната страна стои логото на МОСТ и е испишано  “Мониторинг 2013“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните, кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. Имајќи ја предвид појавата на набљудувачи кои во првиот круг се претставуваа како набљудувачи на МОСТ единствено со акредитација на ДИК, МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи жолта маица, акредитација од ДИК и овластување од МОСТ исклучиво од овие избори, информираат од невладината организација која ќе го мониторира вториот круг од локалните избори.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080. Доколку граѓаните не се сигурни каде можат да го остварат своето право на глас, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

OhridNews