Од повеќето културни случувања кои го одбележаа викендов, може да се издвои настанот посветен на младите како таргет група и категорија во општеството кои се соочуваат со голем број предизвици за својата професионална иднина и кариера. Целта на овој настан во организација на невладината „Виа Данте” и Локалниот совет на млади, инаку најавен како мотивациски викенд е преку учество на познати јавни личности да им се доближат на младите нивните можности и како да бидат успешни во својата професионална определба.

Гордана Коњановска, претседател на Советот на општина Охрид го истакна задоволството од учеството во ваква спонтана иницијатива за да им се излезе во пресрет на младите и нивните животни дилеми

„Младоста воопшто не е едноставен период како што се чини бидејќи тогаш се донесуваат најважните одлуки во животот така што на ваков начин преку неформална едукација сакавме да им помогнеме на младите да го изберат најдобриот пат.”-рече Коњаноска. 

На настанот беа поканети говорници кои го оствариле својот животен сон на професионален план и заокружиле една успешна етапа од својот живот. Марта Пејоска, Сашо Димоски, Павел Донески и Владимир Василески –Четкар ги издвоија амбициозноста, посветеноста, упорноста, визионерскиот дух и вербата во себе како квалитети на една индивидуа со кои може да напредува во професионалната кариера.

Марта Пејоска, дипломиран архитект инженер веќе десет години се занимава со изработка на филигран и е член на Занаетчиската комора во Охрид. Минатото лето имаше можност да го изложи својот рачно изработен накит во рамки на фестивалот Охридско лето, а пред присутните го сподели своето искуство од студентскиот живот во Скопје и како таа го разбира успехот

„Животот е мозаик кој се склопува коцка по коцка. Она што денес ни се чини загуба, утре може да биде нашата победа. Во овој контекст, сметам дека треба добро да се познаваме себеси, нашите потенцијали и капацитет. И она што е важно на патот кон прогресот е да се ослободиме од предрасудите, конвенционалноста и стегите на средината затоа што само така може да бидеме промената која сакаме да ја видиме и да се случи реална промена на секаков план во општеството.”- истакна Пејоска.

За искуството да се студира во странство зборуваше Владимир Василески Четкар кој ја сподели својата животна сторија, признавајќи дека го живее својот сон и дека ќе продолжи да се залага за квалитет во музиката, подготвен да се бори за своите идеали од детството.

„Кога се чувствував носталгично додека студирав во Бостон, секогаш се потсетував на мојот сон и желбите од деството да бидам музичар и некако успеав да се справам со предизвикот да бидам оддалечен од семејството во време кога Интернетот беше во зародиш и мобилните телефони не беа толку популарни.Добро е да се комуницира со луѓе од други држави и иако можеби некој нема да студира во странство, сепак сметам дека треба да споделуваме искуства со странци и да ги запознаваме нивните култури.”- рече Четкар. 

Павел Донески, дипломиран политиколог и член на Клубот на оратори при Правниот факултет „Јустинијан први” ја запраша публиката дали вреди човек да се откаже при првиот неуспешен обид без да знае што може да добие и да направи од себе ако се обиде пак. Тој зборуваше за најзанимливите детали од неговото искуство како оратор и остварување на неговата визија да биде изграден говорник. 

„Научив дека исклучително е важна вербата во себе дури и кога другите не веруваат во нас и подобро е да се биде оригинална верзија од себе отколку нечија бледа копија. Би им препорачал на младите да читаат повеќе бидејќи само со знаење може да се победи медиокритетскиот дух.”-вели Донески. 

На вториот ден од Мотивацискиот викенд свои презентации имаа Александра Шекутковска, архитект/ дизајнер, Аница Палацо, лингвист/проект менаџер, Александра Димитриеска, маркетинг менаџер, претприемништво, иОС апликации и Ана Темелкоска Илоска, финансии и изработка на банкарски софтвер.

Ивана Чичоска