Претстојниот викенд, во Универзитетот за информатички науки и технологии во Охрид, ќе се одржи МОТИВАЦИСКИ ВИКЕНД, настан за млади од отворен карактер. Преку мотивациони говори на успешни, млади луѓе и дебати, настанот ќе ги мотивира младите да работат на себе, на приватен и професионален план, ќе ги запознае со неформалното образование и ќе понуди вештини потребни на секој млад човек, велат организаторите.

Настанот, на кој се поканети познати имиња од јавниот живот, ќе трае два дена и ќе вклучи професионалци од поголем број на дисциплини кои ќе придонесат со споделување на своите уникатни искуства. Мотивацискиот ден се очекува да прерасне во спонтана забава во некоја од кафетериите, каде учесниците ќе имаат можност да се запознаат и поразговараат со своите омилени говорници.

-Се работи за волонтерски, партнерски проект на група ентузијасти, членови на невладината организација “Виа Данте” од Охрид и “Локален совет на млади” при општина Охрид. Настанот е посветен на Тоше Проески, и сите помалку познати херои од нашето секојдневие, луѓе со добра мисла, несебични примери на хуманост и посветеност, кои не обврзуваат да го продолжиме нивниот пат на светлината, во градот на светлината. – информираат организаторите.

Настанот е отворен карактер и на него можат да учествуваат сите заинтересирани млади.

OhridNews