Ранохристијанските мозаици од Лихнид, Хераклеа и Стоби предизвикале огромен интерес кај посетителите на 17. издание на Берзата за археолошки туризам, која од 30 октомври до 2 ноември се одржуваше во Салерно, Италија. Како што информираат од Министерството за култура  интересни за посетителите биле и Кокино, Скупи, Билазора и други македонски археолошки богатства.

-Македонија првпат се претстави на овој меѓународен археолошки настан. Нашата земја беше вистинско изненадување за многумина од присутните, а интерес предизвикаа античките градови, мегалитската опсерваторија Кокино, како и убавите цркви од византиско време. Речиси немаше посетител кој остана рамнодушен пред ранохристијанските мозаици од Хераклеја, Лихнид и Стоби, а многумина од нив беа заинтересирани за туристичките понуди и планираа посета на земјава, велат од Министерството за култура. Оттаму нагласуваат дека во рамките на археолошкиот саем се одржала и дегустација на македонски вина и традиционална храна.

Покрај Македонија, на овој пестижен настан годинава учествувале повеќе од дваесет земји, меѓу кои: Србија, Бугарија, Хрватска, Албанија, Словенија, Аргентина, Малта, Азербејџан, Португалија, Венецуела, Романија и други.

Берзата за археолошки туризам во Салерно почнала да се реализира од 1997 година. Организаторите велат дека секоја година има неколку илјади посетители од целиот свет, стотици новинари, излагачи и претставници на УНЕСКО и други организации.

OhridNews