Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и Здружението за судска служба (ЗСА) ја разгледуваат можноста повторно да организираат протест и штрајк, откако на 3 декември лани одржаа предупредувачки штрајк поради неисполнување на нивните барања во врска со Законот за судска служба, објави „Утрински Весник“.
Во соопштението на УПОЗ се наведува дека нема интерес од страна на ресорното Министерство за измена на Законот и оти сите рокови се пробиени.
„Работни групи од Синдикатот на УПОЗ, ЗСА и Судскиот совет заеднички подготвија нов предлог-текст на Законот за судска служба во кој се опфатени сите предлози и забелешки на Синдикатот и ЗСА. Текстот на Законот беше предаден во Министерството за правда и беше побарано тој итно да биде разгледан, да се прифатат предлозите и да почне постапка за негово донесување. Меѓутоа, поради „наводна зафатеност“ на министерот, договореното досега не се оствари. Затоа сметаме дека од негова страна не постои интерес да се надмине овој проблем“, се вели во соопштението.
OhridNews
Извор:„Утрински Весник“