Во услови на општ пад на цените во Европа, можен е притисок врз инфлацијата и дома, а нестабилност и поголеми ценовни шокови може да предизвикаат некои надворешни фактори, предупредува Народната банка (НБМ).

Како што пишува Дневниот весник „Дневник“, според информации од НБМ, во повеќе европски земји веќе е регистрирана дефлација, односно општ пад на цените, а во другите инфлацијата се намалува. Во својот последен извештај НБМ нотира пад на цената на нафтата, што за Македонија е увозен производ, со што, од друга страна, треба да се намали притисокот на домашната инфлација. Таков е случајот и со цените на житарките.

Во НБМ се децидни дека политичката нетрпеливост помеѓу Русија и САД и Европската Унија и воведувањето трговски бариери и економски санкции може да создаде голема неизвесност во однос на идните движења на цените.

– И понатаму се присутни нагорни ризици за цените на енергијата и на храната поврзани со геополитичките тензии во Ирак, повторното актуализирање на руско-украинскиот конфликт, како и евентуалните ефекти од поплавите во регионот, стои во најновиот извештај на НБМ.

Проекциите се дека увезените производи Македонија ќе ги плати поевтино од првично проектираното. Ова најмногу се должи на очекуваните стапки на инфлација кај најголемите трговски партнери на Македонија. Според податоците, во Бугарија се очекува пад на цените наместо раст, а во Германија производите ќе поскапат помалку од првично планираното.

Инаку за годинава се проектира годишната инфлација да биде еден процент, што, ако се оствари, ќе биде најниска инфлација во последните четири години. Во 2009 година беше остварена негативна стапка на инфлација од 0,8 отсто, а во 2010 година беше 1,8 отсто. Лани годината заврши со стапка на инфлација од 2,8 процента. За в година Владата проектира инфлација од 2 отсто.

Експертите се согласуваат дека најлош ефект кај падот на цените е одложувањето на потрошувачката, односно кога цените паѓаат, сите чекаат да купуваат подоцна во очекување на уште поголем пад. Во таков случај се намалува агрегатната побарувачка и се забавува можноста за зголемување на економскиот раст.

OhridNews

Извор: „Дневник„