Двајца кинески државјани итно биле примени во болница во Глазгов, Шкотска, кога им биле дијагностицирани симптоми што може да укажуваат дека се заболени од корона вирус, пренесуваат шкотските медиуми.

Според неофицијални информации, пациентите неодамна пристигнале во Шкотска од кинескиот град Вухан, кој е епицентар на епидемијата на опасниот вирус од кој починаа најмалку 25 лица.

Според локалните медиуми, лекарите досега не успеале да го исклучат корона вирусот кај примените пациенти.

Властите во кинескиот град Вухан, каде што беше регистриран првиот случај на новиот тип на коронавирус, прогласија карантин, најголем во историјата на земјата. Освен сите летови и железнички линии, властите ги суспендираа јавните автобуси и метрото, како и траектите, наредувајќи им на 11-те милиони жители да не го напуштаат градот без посебна причина.

Корона вирусот се пренесува меѓу луѓето преку дишење, а кинеските здравствени работници соопштија дека тој може да мутира и да се шири. Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација соопшти дека развојот на вакцината против новиот тип на коронавирус ќе трае најмалку една година.

Првиот случај на новиот вирус беше регистриран на 31 декември, за потоа да бидат откриени случаи во Јапонија, Макао, Јужна Кореја, Тајван, Тајланд и САД.