Министерството за економија и труд преку Агенцијата за вработување го објави јавниот повик за мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“, која е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.
Со оваа мерка, се овозможува вклучување на 200 невработени лица – активни баратели на работа, кои ќе бидат вработени во микро, мали и средни претпријатија што ќе инвестираат во зелени технологии, производи и процеси, се вели во соопштението од Министерството за економија и труд.
Финансиската поддршка, посочуваат, се доделува во вид на неповратни грантови од 250.000 до 750.000 денари, зависно од бројот на новоотворени работни места:
-250.000 денари за едно ново вработување,
-500.000 денари за две нови вработувања,
-750.000 денари за три нови вработувања.
Преку оваа поддршка, компаниите ќе можат да финансираат набавка на нова опрема и машини, софтвер и лиценци, опрема за обновливи извори на енергија, како и материјали за енергетска ефикасност. Право на учество имаат микро, мали и средни претпријатија од приватниот сектор кои ги исполнуваат условите предвидени во јавниот повик, со приоритет за компании од секторите: преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство и водостопанство, снабдување со вода и управување со отпад, градежништво и транспорт, потенцираат.
Јавниот повик е отворен до 1 септември 2025 година, а заинтересираните работодавачи можат да се пријават во Центрите за вработување секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот.
Детални информации се достапни на веб-страницата на Агенцијата за вработување www.av.gov.mk, како и на официјалните контакти на Агенцијата.
OhridNews