На посебен пулт на градскиот плотштад во Охрид, утре во периодот од 11 до 14 часот граѓаните ќе имаат можност да извршат проценка на ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, да добијат корисни совети од стручен тим, односно да направат соодветни прегледи и да дознаат се што е потребно за превенција и заштита од оваа болест.
Претседателот на Црвениот крст Охрид, Сашо Точков, рече дека во рамките на настанот ќе биде прoмовирана здрава исхрана, а граѓаните ќе имаат можност да добијат и нутриционистички совети.
„Целта на нашата мисија е да организираме ваки јавни настани, каде сите лица ќе можат да дознаат на кој начин да го заштитат своето здравје, да се превенираат од болестите и се што треба да користат во таа насока. Утре ќе имаме голем број специјалисти, кои се стручно оспособени и овластени да дадат совети. Исто така, ќе има и компании кои ќе нудат здрави производи, ќе даваат нутриционистички совети и ќе ја промовираат здравата исхрана.“ – рече Сашо Точков, претседател на Црвениот крст Охрид.
Маја Божиноска Смичевска, специјалист – невроголог во Специјаланата болница „Св. Еразмо“ и дел од Здружението „Мозочен Удар“, рече дека комплетните прегледи кои утре ќе се реализираат на плоштадот во Охрид, опфаќаат проверка на функционирање на срцето, ЕКГ, мерење на крвен притисок и ниво на шеќер во крв.
„Секој кој ќе дојде, ќе може да се консултира со специјалист-невролог, а стручните лица ќе даваат и совети за физикален третман. Исто така, со посебен компјутерски систем, секој ќе може да добие правилна проценка на ризик од мозочен удар.“ – изјави Божиноска Смичевска.
Минатата година – 1200 пациенти со мозочен удар во Охрид
Осумдесет отсто од мозочните удари можат да се превенираат доколку навреме се откријат ризик факторите, потенцира Божиноска Смичевска. Таа вели дека во Охрид во 2013 година, дури 1200 пациенти со мозочен удар поминале низ амбулантите, а 400 лежеле во одделенијата на болницата „Св. Еразмо.“
„Намногу пациенти се над 65 годишна возраст, но значителен број имаме и од 35 до 55. Деведесет пациенти од оваа возрасна група амбулантски се прегледани поради проблеми со мозочен удар, а триесет се лекувале на Одделот за невроголија. Голем дел од младите пациенти не се регистрирани, бидејќи заминуваат директно за Скопје.“ – потенцира Божиноска Смичевска.
15 милиони луѓе во светот годишно страдаат од мозочен удар
Мозочниот удар е прва причина за инвалидитет во светот, односно трета причина за смртност во развиените земји.
„Во светот бројката е огромна. Пет милиони умираат од мозочен удар на годишно ниво, а други пет остануваат трајно онеспособени. Основно што сите можеме да го применеме, е да го подобриме нашиот животен стил преку здрава исхрана, редовно вежбање, намалување на стресот и откривање на ризик-факторите како покачен крвен притисок и висок шеќер.“ – објаснува Божиноска Смичевска.
Здружението „Мозочен удар“ функционира од 2014 година
Здружението „Мозочен удар“ како невладина, неполитичка и непрофитна организација, претставува прва од ваков тип во земјава. Сите заинтересирани можат да се обратат секој работен ден во просториите на здружението, лоцирани во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид.
O.T.