Македонската православна црква ги осудува сите видови на насилство и обидите за разгорување на национална и верска нетрпеливост и омраза.

Ова е ставот на светиот архиерејски синод на МПЦ по денешната редовна седница на која  особено внимание било посветено на случувањата на Кале.

„Апелираме до сите граѓани, без разлика на нивната национална, верска или друга припадност, да не се вклучуваат во било какви понатамошни насилни активности кои се поврзани со реконструкцијата на овој или слични други објекти на Калето, кои имаат општоцивилизациско и културно- историско значење“ се вели во соопштението на МПЦ.

Тие објаснуваат дека не станува збор за изградба на православен храм, туку за објект – музеј кој се обновува на темелите на откриена средновековна црква, во која понатаму би биле сместени пронајдените артефакти од археолошките истражувања на просторот на скопско Кале.

Како доказ кој го потврдува тоа, го наведуваат тоа што овој објект не бил осветен односно ниту надлежниот епархиски архиереј, ниту било кој од свештенослужителите не извршиле никаков црковен чин.

ОhridNews
извор: Makfaks