Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква, на седницата одржана вчера, искажа незадоволство кон Управата за заштита на културното наследство на  Македонија, заради како што се наведува во соопштението, несоодветната заштита на црковното и културно благо кое сè почесто е предмет на сквернавење, оштетување и кражби.

Синодот укажува дека најголем дел од тоа наследство е црковно и Македонската православна црква како легитимен сопственик на истото, има право и обврска да го чува, собира и презентира во своите црковни и манастирски ризници.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, во изјава за Канал 5 истакна дека ако МПЦ сака јуриздикција врз она што се толкува како црковно благо, треба да  им се обрати на претседателот, премиерот, парламентот, а не нему и на управата. Според Кузман ова двојство е законски несоодветно и во крајна линија непријатно.

Инаку на вчерашната седница Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква ја прошири листата со кандидати за архиереји на МПЦ. Покрај Арсениј, Нектариј и Партениј, на предлог на владиците Тимотеј, Петар и Иларион на листата се најдоа уште и Стефан од црквата во Калишта, Јосиф од манастирот Св. Јован Бигорски, отец Никола од манастирот Св. Никола во Мариово и отец Дамаскин од Лесновскиот манастир.

OhridNews