Дел од моштите на Свети Климент Охридски кои се чуваат во храмот на основоположникот на  Охридската архиепископија на Плаошник, од денеска ќе почиваат во новоизградениот храм посветен на македонскиот чудотворец во Пловдив – Бугарија. Овој вреден дар од име на Македонската православна црква во Бугарија лично го однесе митрополитот Дебарско – кичевски, г. Тимотеј.

МПЦ на Бугарската црква и подари честичка од раката на сесловенскиот просветител, која ќе биде поставена во специјално ковчеже пред светиот олтар на новоизградениот храм „Св. Климент Охридски” во Пловдив, што ќе биде отворен денеска со свечена богослужба.

„Овој дар од Македонската црква е голема чест за нашата црква“, изјави бугарскиот владика Николај, на свеченоста што по повод пристигнувањето  на дел од моштите на Свети Климент Охридски се одржа синоќа во Пловдив.

Дел од моштите на Свети Климент од Охрид во Пловдив беа однесени без многу публицитет, а надлежните од Дебарско кичевската епархија вчера цел ден беа недостапни за медиумите. Одлуката за подарување на дел од моштите на Свети Климент Охридски на БПЦ ја донел Синодот на МПЦ. Македонската православна црква смета дека со овој гест всушност ја покажува својата широкоградост, како една од основните вредностите на христијанството, иако Бугарската православна црква  изнесува тврдења дека основоположниците на МПЦ имаат бугарско потекло.

Ohridnews