Македонската православна црква сака да го заштити името Охридска архиепископија со тоа што ќе го вметне како додавка во називот.
Ова го изјавија дел од членовите на Светиот архиерејски Синод, кои ја поддржуваат идејата за измени на црковниот Устав. Според нив на тој начин расколникот Јован, кој се приклони на Српската православна црква, не ќе може под тоа име да ја регистрира неговата верска заедница во Македонија, на што има право со новиот закон за верски заедници.
„Една од причините за измена на Уставот е таа да не се дозволи злоупотреба на името Охридска архиепископија од некоја друга организација“, изјави за Ohridnews, митрополитот Европски г.Пимен.

Сепак и покрај силните заложби и најави, на Црковно народниот собор што денеска ќе се одржи во Калишта нема да се расправа за амандманите за промена на Уставот на МПЦ, ниту за изгледот на грбот на црквата. Неофицијално така одлучил Светиот архиерејски Синод на МПЦ, на состанокот што синоќа се одржа во тајност. Синодот, наводно одлучил соборот да има само свечен карактер, а уставните измени да се разгледаат на некоја друга средба.

Црквата Св. Богородица во Калишта












