Најголем проблем за младите во Охрид е вработувањето, по што следуваат квалитетот на живеење, здравството и превенцијата, а додека најмал проблем младите гледаат во областите- младинска работа и образование, покажува истражувањето направено од Младинскиот совет Охрид, кое е дел од новиот Локален акционен младински план за периодот 2014-2018 година.

Од одговорите дадени во прашалниците, приоритетите младинска работа и младинско учество не им се блиски и доволно познати на младите.

– Поголемиот број од испитаниците, очекувано, би го напуштиле местото на живење, голема е бројката на оние кои во општината не гледаат можности за квалитетно исполнување на слободното време од една страна, но исто така и не биле вклучени во планирање и реализирање на настани ,нити пак покажуваат интерес за личен ангажман. Испитаниците сметаат дека е важно да ги развиваат сопствените способности и знаења, да бидат упорни, да имаат поголема самодоверба и јасна цел во животот, да внимаваат на честа и достоинството, покажуваат резултатите од истражувањето .

Во однос на промените кои сакаат да се случат во градот, а со цел да се задоволат нивните потреби, младите сметаат дека им се потребни повеќе пари, а до нив да дојдат со постојано вработување, сузбивање на социо патолошките појави и повеќе организирани случувања кои ќе им помогнат да го пополнат слободното време. За младите да можат активно да се вклушат во локалната заедница алтернативите кои тие ги наведуваат се следниве: овозможување на разни можности за нивно активирање и мотивирање, обезбедување на работа, системско информирање. Со тоа би презеле и поголема одговорност при решавање на проблемите на заедницата, со што би се развивала свеста за сопствена одговорност,а би придонело за развој на локалната заедница.
 
Локален Акционен Младински План за периодот 2014 – 2018 година на МСО наскоро ќе биде објавен и ќе биде предложен до Советот на општина Охрид, со цел да стане и официјален документ за креирање на локалната младинска политика на општината.

OhridNews