Младински Совет Охрид, како дел од програмата за одговорна, кооперативна и транспарентна Локална Самоуправа го реализира проектот „ Економски показател на движење на цени“, кој опфаќа набљудување на дел од јавните набавки во различните институции кои функционираат во општината.

Првиот циклус на набљудување ги опфати јавните претпријатија во општина Охрид, како и Локалната Самоуправа, но поради промената на власта, а со тоа и раководните позиции во претпријатијата во тој период, резултатите не се презентирани во јавност. Вториот циклус на набљудување ги опфати националните институции од областа на културата во Охрид, меѓу кои НУ Центар за култура „,Григор Прличев“, НУ Библиотека ,,Григор Прличев“, НУ ,,Охридско Лето“ и НУ Завод за заштита на споменици на културата и музеј.

Истражувањето за Економски показател на движење на цените од националните институции е изработено преку споредба на цените по коишто различните институции купуваат исти производи. Ова истражување опфати исти видови производи што дава можност, освен споредба на цените, да се претстави и различниот однос на државните институции при спроведувањето на исти видови јавни набавки, информираат од МСО.

Согласно добиените тендерски документации, а врз направените анализи, утврдено е дека НУ Охридско лето е најдобра институција која со својот начин за избор на тендер, го избрала најрационалниот. Второрангирана институција е НУ Библиотека ,,Григор Прличев“, а трето рангиран е НУ Центар за култура ,,Григор Прличев“.

Според извршените анализи, Заводот за заштита на споменици и народен музеј – Охрид е институција која за истите набавки потрошила најмногу финансии.

Општиот заклучок од добиените сознанија е дека има големи разлики во цените кои што во некои случаи ја доведуваат во прашање рационалноста во трошењето на јавните пари. Ваквите разлики во цените, секако не се оправдани, ако се има предвид дека станува збор за инситуциите кои овие производи ги финансираат од еден ист извор, Буџетот на Република Македонија, велат од МСО.

Од Младинскиот Совет потенцираат дека и натаму продолжуваат да го следат трошењето на јавните пари.

OhridNews